Од 2017 година, програмата BİRLİKTE ги зајакнува граѓанските организации (ГО) во Турција преку уникатна комбинација од основна поддршка, структуриран менторски пристап и трансформативен модел за институционален развој. Развиен од Здружението Civil Society Development Centre Association (Sivil Toplum Gelişim Merkezi Derneği – STGM) со финансирање од ЕУ, Моделот за организациски развој на BİRLİKTE претставува стратешка иновација во зајакнувањето на граѓанското општество, заснована на повеќе од две децении искуство на STGM.
Како се развиени Моделот за организациски развој на BİRLİKTE и Водичот за самооценување
Моделот за организациски развој на BİRLİKTE е структурирана и сеопфатна рамка развиена за унапредување на институционалниот капацитет на ГО преку вградување одржливи практики и суштински знаења во нивните оперативни системи. Неговата цел е да им помогне на ГО да воспостават цврсти, функционални и отпорни управувачки структури засновани на пристапот базиран на човекови права и усогласени со меѓународните стандарди за добро управување.
Моделот произлегува од обемното искуство на STGM во развојот на организациските капацитети, стекнато преку повеќе од дваесет години работа со широк спектар на ГО низ Турција. Тој се применува преку програмата BİRLİKTE, иницијатива за финансиска поддршка на трети страни (FSTP) финансирана од ЕУ, која од 2017 година обезбедува основно финансирање и менторска поддршка приспособена на потребите на избрани ГО.
Неговиот дизајн се потпира на меѓународни рамки како EFQM и ISO, збогатени со соработката со чинители како TACSO, UNDP, Concern Worldwide, MDF и интерната експертиза на STGM. Посебна одлика на моделот е нагласувањето на системското размислување, при што организациите се сфаќаат како меѓусебно поврзани системи во кои секоја компонента — без разлика дали е стратешка, оперативна или човечка — влијае врз другите. Ова ги поттикнува ГО да ги разберат и зајакнат меѓузависностите во своите структури, поттикнувајќи кохерентност, приспособливост и одржливост.
Моделот служи и како дијагностичка и како развојна алатка, насочувајќи ги менторите и ГО учеснички низ структуриран процес на организациска процена и градење капацитети. Еден од клучните резултати е алатката за самооценување, која им помага на организациите да ги утврдат своите силни страни и областите за подобрување со користење методологија за бодување и одредување приоритети. Овој структуриран пристап го поддржува поставувањето цели и им овозможува на ГО систематски да го следат својот напредок со текот на времето.
За време на првата фаза на спроведување (2017–2020), STGM тесно соработуваше со ГО учеснички и собра вредни сознанија од теренот, што доведе до ревизии и подобрувања. Пред да ја објави ажурираната верзија, STGM спроведе пилот-самооценување со својот управен одбор и вработените, а добиените резултати ги искористи за стратешко планирање и за дополнително подобрување на моделот. Овој процес овозможи моделот да се развие во флексибилна и практична рамка, а не само во список за проверка.
Моделот продолжи да се развива преку постојани циклуси на повратни информации. Во неодамнешните ревизии беа воведени компоненти како што се управување со волонтери и членство, дигитализација и зајакната рамка за мониторинг, евалуација и учење (MEL). Во секој дел, родовата еднаквост (GEM) е вградена како меѓусекторска тема, со што дополнително се зајакнува посветеноста на програмата на еднаквост и инклузија.
За да го поддржи спроведувањето, STGM изработи сеопфатен водич што ги комбинира концептуалните сознанија со практични алатки. Во водичот се опишани циклусот на развој на моделот, основните принципи и клучните области на управување: управување, стратешко планирање, членство, вработени и волонтери, соработки и партнерства, управување со ресурси, област на дејствување, комуникација и дигитализација. Делот за MEL претставува рамка насочена кон учење, која го нагласува континуираното подобрување врз основа на резултатите и повратните информации од засегнатите страни.
Како е интегрирана на родовата еднаквост во моделот
Стратегијата за GEM, иако историски била интегрирана во јавните политики и планирањето на макрониво, преку BİRLİKTE доби моќна нова примена. Во втората фаза на спроведување, GEM стана приоритетно прашање и беше интегрирано во сите фази на програмирањето и спроведувањето. Истовременото спроведување на GEM со 25 разновидни ГО беше амбициозно и трансформативно, како по обем така и по методологија.
Наместо да се третира како самостоен елемент, GEM беше вградено во сите области на управување опфатени со моделот. Во алатката за самооценување, родовата еднаквост беше поставена како меѓусекторски принцип што влијае врз области како што се членството и односите со волонтерите, донесувањето одлуки, стратешкото планирање и програмскиот фокус. Со овој пристап, GEM се постави како трансформативна сила што ги преобликува организациската култура и работењето во целина.
Наодите од процесот на самооценување беа разгледани на поединечни онлајн консултативни состаноци. Врз основа на овие сознанија беа изработени патокази за родова еднаквост приспособени на потребите. Нивната реализација беше поддржана преку работилници во живо и онлајн, меѓусебно учење преку посети на терен и воспоставување на Иницијативата за интегрирање на родовата еднаквост (GEMI), која служеше како динамична платформа за колективно учење.
До крајот на програмата, 21 од 24 организации изразија намера сеопфатно да продолжат со интегрирањето на родовата еднаквост, а две се обврзаа да продолжат со тоа во поограничен обем. Меѓу факторите што го овозможија ова беа феминистичкото создавање знаење, интерните застапници за родова еднаквост и длабоката експертиза на тимот на BİRLİKTE. Структурните пречки, како што се недостигот од персонал и неговото често менување, претставуваа предизвик, но мнозинството ГО успеаја да го вградат GEM во своите структури.
Кои беа предизвиците при развојот и спроведувањето на моделот
Развојот и примената на модел заснован на принципи, но истовремено практичен, бараа опсежен дијалог на терен и повторливо усовршување. Предизвиците вклучуваа:
- Ограничени ресурси: Времето, финансирањето и експертизата честопати беа недоволни. Од суштинско значење беа силната институционална посветеност и поддршката од менторите.
- Замор од ангажираност: Процесот на самооценување можеше да биде преоптоварувачки за ГО што не беа навикнати на сеопфатно преиспитување. Раната поддршка од менторите помогна да се спречи исцрпеноста.
- Отпор од културни причини: ГО што не беа запознаени со системскиот пристап понекогаш го доживуваа процесот како застрашувачки. Вежбите за бодување откриваа тешки вистини, но подоцна овозможија искрен ангажман.
- Поистоветување на индивидуалните и организациските практики: Во области како GEM, многумина ја поистоветуваа личната свесност со институционалната подготвеност. Со текот на времето, тие ја увидоа потребата од структурирана, системска трансформација.
- Често менување на персоналот: Ова ја нарушуваше континуираноста, но влијанието беше ублажено со вградување на знаењата и практиките во целата организација.
Од суштинско значење беше да се изгради доверба меѓу организацијата, менторите и самиот модел. Тоа опфати воспоставување заеднички јазик, јасна комуникација и усогласување околу заедничките цели. Поддршката од менторите имаше клучна улога во помагањето на организациите да се справат со сложеноста, да ги разјаснат процесите и да постават реални цели.
Како моделот и водичот придонесуваат за организациската одржливост на ГО
BİRLİKTE придонесува за одржливоста на ОГО преку два клучни механизми:
- Институционална одржливост: ГО развија формални системи, како што се споделени системи за чување податоци и информации, записници од состаноци и алатки за евалуација. Тие вградија рамки за MEL, го унапредија управувањето и ги зајакнаа партиципативните структури.
- Финансиска одржливост: Флексибилните буџетски практики им овозможија на ГО да одговорат на надворешните притисоци, како што е инфлацијата. Институционалното финансирање им овозможи на организациите да ги усогласат расходите со стратешките цели.
Алатката за самооценување им овозможи на ГО да ја разберат внатрешната динамика, да го поддржат донесувањето одлуки и да ја интегрираат одржливоста во секојдневната практика. Документираните политики и процедури помогнаа да се зачува институционалната меморија, особено при промени во персоналот. Транспарентноста, системите за планирање и проактивната рамка за MEL ја зајакнаа нивната оперативна отпорност.
Практичен пример е ГО што ги искористи своите нови системи за да посвети повеќе време на прибирање средства и да изгради нови партнерства — покажувајќи како моделот овозможува исористување на стратешки капацитет.
Што научи STGM како спроведувач на FSTP во текот на развојниот процес
Како спроведувач на FSTP, STGM стекна важни сознанија:
- Континуирано приспособување: Секоја алатка најпрво беше тестирана во самата организација. Научените лекции ги обликуваа внатрешните стратегии и самиот модел.
- Менторство што овозможува напредок: Менторите не се авторитети, туку доверливи водичи. Водичот за ментори ги утврдува вредностите како што се емпатијата, неутралноста и доверливоста.
- Заедничко учење: Платформи како BİRLİKTE HUB и Civil Voices Festival создадоа можности за меѓусебна размена и колективен развој.
- Ефикасно интегрирање на GEM: Интегрирањето на родовата еднаквост беше најуспешно кога менторите имаа познавања за родовата еднаквост и кога процесот не се третираше како паралелна активност.
- Култура во интерниот тим: Во STGM, културата на отвореност, разновидност и поддршка ја унапреди креативноста, моралот и колективното влијание.
Менторството беше најефикасно кога се приспособуваше на контекстот на секоја организација. Индивидуалната поддршка, заснована на јасно дефинирани улоги и доверба, се покажа како суштинска за да им помогне на ГО да ги утврдат сопствените патеки за подобрување, а истовремено да ја зачуваат својата автономија.
Моделот за организациски развој на BİRLİKTE е повеќе од збир алатки. Тој е стратегија за промени заснована на вредности, поттикната од учеството и докажана во практиката. Покажува како основното финансирање, кога е надополнето со структуриран процес на олеснување и приспособлива рамка, може да создаде трајна трансформација. Како што вели STGM: „Организацискиот развој не е еднократен настан. Тој е континуиран процес на саморефлексија, процена на потребите и подобрување.“
За донаторите и чинителите во развојот што се стремат кон отпорно граѓанско општество засновано на права, BİRLİKTE нуди функционален модел — и јасна порака: промената почнува однатре и трае кога е системска.