Story

Поттикнување промени: Како CEMA го отвори патот за социјалното претприемништво во Чачак

Originally published by EU TACSO 3, 8 February 2025 (opens in a new tab)

Six people at a meeting table in a room with a science poster as a woman stands and speaks

Ова е приказна за издржливоста, иновативноста и моќта на активизмот од најниско ниво. Во срцето на западна Србија, во Чачак, се разви движење — движење што го редизајнира социјалното претприемништво, создава економски можности за ранливите групи и ја предизвикува институционалната сложеност.

Центарот за мониторинг и активизам (CEMA), невладина организација основана од новинари во 2015 година, започна мисија за да ги трансформира не само политиките, туку и животите на луѓето. Со поддршка од Фондацијата Tраг и Европската Унија, нивните напори добија замав и создадоа трајно влијание.

Визија за инклузија

Препознавајќи ја потребата од економско зајакнување на лицата со попреченост и жените над 45 години, CEMA го започна проектот „Социјално претприемништво — шанса за економско зајакнување на ранливите групи.

На почетокот на проектот, локалната власт во Чачак правно не ги препознаваше, ниту даваше финансиски поттик за социјалните претпријатија, што им го отежнуваше работењето и развојот. „Сфативме дека економското зајакнување не се однесува само на вештините, туку и на самодовербата и системската поддршка“, вели Светлана Којановиќ, раководителка на проектот во CEMA.

За разлика од традиционалните бизниси, кои се фокусираат исклучиво на профитот, социјалните претпријатија имаат двојна цел: финансиска одржливост и општествено влијание. Тие ја реинвестираат добивката за да одговорат на општествените предизвици, со што стануваат клучна алатка за економска инклузија и развој на заедницата. Сепак, без посебна законска рамка, овие претпријатија тешко доаѓаат до финансиски средства и признание, што го ограничува нивниот раст и влијание.

„Социјалните претпријатија им нудат можности на оние што често се изоставени од традиционалните економски структури, но без јасни прописи и институционална поддршка, многумина се резервирани да го направат првиот чекор. Сакавме да го промениме тоа“

Од застапување до дејствување

Стратегијата на CEMA имаше две насоки: оспособување на учесниците со знаење за снаоѓање во претприемништвото, истовремено застапувајќи се за законски измени. Преку консултации, фокус-групи, работилници и јавни дебати, над 700 лица учествуваа во обликувањето на новото економско опкружување.

И покрај отпорот од локалните власти — кои често ги отфрлаа нивните напори како „влијание финансирано од странство“ — CEMA најде сојузник меѓу граѓаните. „Бевме игнорирани, но заедницата имаше поинаков став кон нас“, објаснува Драгана Матовиќ, програмска раководителка во CEMA. „Луѓето секојдневно ни се обраќаа, бараа насоки и сакаа да дознаат како можат да се вклучат.“

Медиумите одиграа значајна улога во зголемувањето на видливоста на напорите на CEMA. „Нашите колеги од локалните медиуми никогаш не пропуштија можност да ги покријат нашите настани и да ги споделат нашите приказни“, додава Матовиќ.

Еден од клучните предизвици за унапредување на социјалното претприемништво во Србија е правната несигурност во оваа област. „Со години се боревме социјалните претпријатија да добијат правно признат статус“, објаснува Матовиќ. Законот за социјално претприемништво конечно беше усвоен по пет обиди во парламентот, но неговата примена и понатаму е бавна и неконзистентна.“

Главниот проблем е недостигот на комплементарни прописи и финансиски поттик. „Законот постои, но без прецизни подзаконски акти и утврдени механизми за субвенции, грантови и даночни олеснувања, тој во голема мера останува само симболичен“, додава Којановиќ. Многумина што би можеле да станат социјални претприемачи се заглавени во бирократски лавиринт, несигурни како да продолжат.“

CEMA и нејзините партнери се залагаа за јасни процедурални насоки со кои социјалното претприемништво ќе стане достапно. „Работевме на повеќе полиња — подигнувавме свест, консултации со локалните власти и вклучување на деловниот сектор“, продолжува Матовиќ. „И покрај нашите напори, вистинскиот напредок е ограничен без посветеност на државно ниво.“

Најзначајната победа беше постигната во август 2023 година, кога за првпат социјалното претприемништво беше официјално признаено во Планот за развој на градот Чачак (2023-2030). Иако првично му беа посветени само два параграфа, ова вклучување го отвори патот за изработка на локален акциски план за вработување, кој би обезбедил финансиски и структурни поттик за социјалните претпријатија.

„Ова беше клучен чекор“, забележува Којановиќ. „Тоа значи дека локалната власт веќе не може да го игнорира социјалното претприемништво. Темелите се поставени, а сега можеме да се залагаме за конкретни политики, како поттик за стартапи и стратегии за социјални набавки.“

Приказната на Дарко: сведоштво за промената

Еден ден заѕвони телефонот во канцеларијата на CEMA. Од другата страна беше Дарко, млад човек со визија. Откако како дете ја изгубил левата рака, тој бил решен да основа социјално претпријатие за производство на ортопедски помагала. Меѓутоа, брзо открил дека постојните деловни структури и бирократските пречки речиси му оневозможуваат на човек како него да започне бизнис.

„Праша́в многу луѓе за постапката за основање претпријатие, но никој немаше јасни одговори“, се присетува Дарко. „Потоа ја најдов CEMA. Не ми дадоа само одговори; ми дадоа надеж.“

И покрај ограничените информации во тоа време, CEMA му обезбеди менторство и насоки. За жал, на самиот почеток, поради недостигот од институционална финансиска поддршка за започнување бизнис, неговото семејство мораше да му ја обезбеди таа поддршка. По две години упорна борба со бирократските постапки, Дарко го основа NRG d.o.o., претпријатие за производство на ортопедски помагала. Неговиот успех не беше само личен — тој беше симбол на она што е можно кога ќе се отстранат системските бариери.

„Не се работеше само за бизнисот“, додава Дарко. „Се работеше за тоа да докажам дека луѓето како мене можат да бидат претприемачи, дека можеме да придонесеме и да направиме промена.“

Поглед кон иднината: ресурсен центар за социјални претпријатија

Следната мисија на CEMA е основање Ресурсен центар за социјално претприемништво во Моравичкиот округ — центар што ќе обезбедува обуки, насоки за финансирање и поддршка за застапување. Сепак, предизвиците остануваат — без национална програма за социјално претприемништво, секторот и понатаму е кревок.

Во моментов, во Србија има само 21 официјално регистрирано социјално претпријатие, иако над 500 бизниси работат според принципите на солидарната економија. „Без структурирана политика на национално ниво, локалните иницијативи како нашата остануваат изолирани напори“, вели Матовиќ. „Правиме сè што можеме, но во одреден момент владата мора да се вклучи и да создаде рамка што вистински ќе ги поддржува овие бизниси.“

Заклучок: модел за идни промени

Работата на CEMA покажува дека активизмот од најниско ниво, кога е придружен со истрајност и вклученост на јавноста, може да доведе до конкретни промени во политиките. Иако претстои уште долг пат, влијанието на организацијата е неоспорно — луѓе како Дарко сега имаат иднина во социјалното претприемништво, а Чачак постави пример што можат да го следат и другите општини.

„Ова е само почеток“, вели Којановиќ. „Докажавме дека промената е можна. Сега мора да се погрижиме таа да биде одржлива.“

Матовиќ додава: „Најголемото задоволство? Да ги гледаме луѓето кои некогаш се чувствувале беспомошно како сега ја преземаат контролата врз својата иднина. Затоа го правиме ова.“

A woman presents from a laptop beside a projected slide while others listen
Participants at tables in a meeting room, facing a projected presentation

Source tacso.eu (opens in a new tab)